За Драгана

дипломиран магистер по фармација, диететика и диетотерапија
сопственик и фитнес тренер во Fitlife Premium Center, Скопје

Претпоставувам дека штом сте тука на сајтот најверојатно веќе добро ме познавате 😊

Јас сум Драгана, магистер по фармација, диететика и диетотерапија, повеќе од 10 години сум групен фитнес тренер, а од 2016-та сум присутна и во овој виртуелен и дигитален свет во кој несебично, постојано и континуирано го споделувам моето знаење и се трудам да Ве мотивирам и да Ве поттикнам да се грижите повеќе за здравјето. 

Иако како што спомнав погоре, по вокација сум фармацевт, сепак после скоро 3 години работа во фармацевтска компанија, во 2018-та година решив со цело срце и тело да се посветам на моето хоби и да го претворам во нешто поголемо.

dragana-2-about

Токму таа година се роди и FITLIFE, a истата година се роди и мојата прва радост, ќерка ми Ана. Тоа беше година полна предизвици, стравови, но и многу радост и успеси. Кога го пишувам ова ми надоаѓаат солзи во очите сеќавајќи се тогаш на стравот кој владееше во мене, но поддршката која ја имав од блиските, а особено од Дарко (мојот сопруг) ми помогна да стигнам тука каде што сум денес.

Не знаев ништо за тоа како е да отвориш фирма, што треба да направам, каде да се обратам. Имав милион прашања во главата, а имав само 25 години, бев тотално неискусна, но ХРАБРА и ОДЛУЧНА. Решив да си верувам на себе и на својата интуиција. Ако не пробаме да успееме, зарем ќе успееме?! Знаев дека ако си доволно упорен и работиш, ќе успееш затоа што тоа ми се потврдило многу пати во животот. Искрено тоа ми беше главната мотивација која ме водеше напред. Бев свесна дека и да не успеам нема да изгубам ништо, но ќе бидам побогата за уште едно искуство. Знаев дека ако треба да најдам повторно работа како фармацевт, ќе најдам во секое време, затоа што тоа е кадар кој секогаш бил дефицитарен, па некако бев слободна од тој аспект. Важно е во животот да имате повеќе вештини, тоа ви дава сигурност и можност за поголем успех.

„Даваш отказ од сигурно работно место трудна!? Кој го прави тоа?“, “На толку учење на просек 9.5 ќе оставиш сѐ и ќе вежбаш? “ова беа дел од прашања упатени кон мене во периодот кога луѓето околу мене дознаа за мојата одлука. Да бидам искрена никој не веруваше дека ќе успеам и некако го гледав и го чувствував тој сомнеж во очите на другите иако многу од нив јасно не го кажаа. Дури и моите родители беа скептични, но Дарко ми беше ветер во грб и ме мотивираше да продолжам напред. Многу е важно партнерот да ве поддржува, затоа што тоа ви дава спокојство и мотивација за секоја следна одлука. 

Од денешен аспект тогашната одлука е најразумното нешто кое сум го направила. Бескрајно и секојдневно сум благодарна на себе за среќата и слободата кои денес ги имам, за безбројте животи кои ги сменив и ги менувам секојдевно. Кога вистински ја сакате работа и животот добива друга димензија. 

Ова ви го споделувам да ве мотивирам и охрабрам сите Вие кои имате одредени стравови да започнете нешто. Патот не е лесен, но доколку сте решени, вредни и упорни, ЌЕ УСПЕЕТЕ.

А сега да се вратам на почетоците...Во 2018-та година се запишав и на дополнителни магистерски студии по диететика и диетотерапија на Фармацевтскиот факултет во Скопје затоа што сакав да ја насочам мојата едукација кон храната и нејзиното влијание врз нашето здравје. Сакав во работата да понудам холистички пристап, поткрепен од наука. 

Магистерските ми беа вистински предизвик затоа што морав да балансирам меѓу семејството, мало бебе, бизнис, време за себе и на крај и дополнителна едукација. Сепак успеав! На магистерските се запишав 5 дена пред да се роди Ана, а магистратурата ја бранев 5 дена пред да се роди мојата втора среќа Ема. Не знам дали ова беше некаква случајност, но дефинитивно, моите две ќерки ми беа и постојано ми се мотивација за многу поминати предизвици. 

После толку години континуирана работа на брендот, FITLIFE моментално брои многу задоволни клиенти. Тие луѓе за мене не се само бројка, туку задоволни клиенти и жени на кои им го правиме животот поубав. 

Во 2020-та година кога бевме приморани да ги затвориме салите, ни се отвори нова можност од која всушност призлезе и овој оnline centar и сите можности кои ќе ги најдете тука. 

Немаше да верувам дека онлајн можам да мотивирам толку луѓе на промена и дека повеќе од 4 години ќе им ја задржам мотивацијата да бидат физички активни и да се грижат за себе, но вие ми го докажавте спротивното. Во импровизирани услови, во затворени групи на facebook повеќе од 4 години взаемно се мотивиравме за конечно да дојдеме до овој Fitlife Online Center во кој е вложено многу труд, време, љубов и работа. 

Првин ни требаше време за да го осмислиме целиот концепт, потоа од нула да се испрограмира и адаптира. Пробавме со некои готови wordpress опции, со платформи за готови курсеви, но за жал ми фалеа многу алактки и не бев задоволна од исходот. Затоа Дарко реши да му се посвети целосно и од нула да го дизајнира и програмира. Успеа секоја моја замисла да ја претвори во копче, се со цел вашето корсничко искуство да биде на највисоко ниво. 

Преку едукациите ќе ви го пренесам моето знаење за исхраната, ќе ве научам повеќе за тоа како ни функционира телото и како ја асимилира и користи храната, како различна храна влијае врз нашето здравје, но и најважно ќе ве мотивирам да направите промени кои нема да бидат за лето или за 7 дена, туку вистински промени кои ќе ви го сменат животот. 

Рецептите кои ќе ги најдете тука се лесни, едноставни, брзи и со намирници кои се економични и достапни, наменети за цело семејство, кои ќе ви покажат дека нутритивните оброци можат да бидат навистина вусни. Предлог менијата имаат за цел да ви дадат идеја како да ги организирате оброците и да ви го олеснат процесот на хранење. 

Тренинзите се адаптирани, функционални, динамични и многу различни кои го следат вашиот прогрес, почнувајчќи од почетно ниво па се до напредно. 

Испирирана од моите бремености и постпартум период посебно внимание им посветив на програмата за трудници и постпартум програмата каде покрај знаењето ви го пренесувам во целост и моето искуство. Физичката активност, исхраната и вистинската едукација можат да направат многу во овие сензитивни периоди и да помогнат во полесна адаптации на промените кои физиолошки доаѓаат, а го афектираат како физичкото, така и менталното здравје на секоја жена.  

ОВДЕ ЗАПОЧНУВА ВАШАТА ЦЕЛОСНА ЖИВОТНА ТРАНСФОРМАЦИЈА КОН ПОДОБРИ НАВИКИ И ПОУБАВ И ПОЗДРАВ ЖИВОТ.

Ви праќам љубов на сите. 

Ваша Драгана